Националната фондација за трансплантација I ONE започнуваат кампања за подигање на свеста за важноста за донирање органи и побрзо имплементирање на Законот за трансплантација на клетки, ткива и органи.
По тој повод денеска е промовирана книгата “ТЕЛОТО НА НЕЈЗИНОТО ТЕЛО- приказни за добрината” преведена на македонски јазик, напишана според личното искуство на светски познатата писателка Славенка Дракулиќ откако таа добива бубрег од непознат дарител.
Книгата ќе се продава за симболични 120 денари во продажните салони на ОНЕ низ целата земја, а финансиските средства од продажбата ќе бидат донација за Националната фондација за трансплантација. “Проектот го почнавме со единствена цел – да покажеме дека донирањето органи се случува во светот и дека тоа продолжува животи, да ја поттикнеме свеста бидејќи сме сигурни дека добри луѓе има. Се надеваме дека преводот на делото на македонски јазик барем малку ќе помогне во приближувањето на темата за донирање на органи до нашите сограѓани” , изјави Виктор Доневски, директор на одделот за корпоративни комуникации во ОНЕ.
“Во книгата опишувам десетина случаи на донатори на органи. Некои се религиозни, некои воопшто не се. Некои едноставно сочувствуваат , а некои тоа го прават бидејќи имаат таква животна филозофија. Можеби мојата донаторка Кристин Свонсон го даде најдобриот одговор на прашањето ЗОШТО? Таа рече: А зошто не? Навистина да се запрашаме зошто ваквите алтруистички гестови се толку ретки? Зошто се чудиме на добрината и сме изненадени и затечени од чинот на добродетелство додека пак злото ни се чини нормално? Единствен начин да им се заблагодарам на ваквите луѓе беше да ја напишам оваа книга”, изјави Славенка Дракулиќ на промоцијата на книгата.
`Би сакал во мое лично име и во име на Фондацијата од се срце да и се заблагодарам на г-ѓа Славенка Дракулиќ што ни ги подари авторските права за нејзиното дело, како и на фондацијата Традуки од Германија кои финансиски го помогнаа македонски превод. Со оваа кампања ја остваруваме основната мисија на Фондацијата – подигање на свеста за донирање на органи, но воедно сакаме и да помогнеме на Министерството за здравство побрзо да го имплементира новиот Закон за трансплантација на клетки, ткива и органи. И секако огромна благодарност до компанијата ОНЕ без чие учество немаше да биде возможно издавањето на оваа книга. Со поддржувањето на овој проект ОНЕ уште еднаш покажа дека заслужено се наоѓа помеѓу водечките општествено одговорни компании во земјава`, изјави Др. Владимир Чадиковски, претседател на Националната Фондација за трансплантација.








